Отсега во Гурман, во делот Зелено катче, ќе пишувам за некои поздрави рецепти, поздрав начин на живот и едноставно за она што е зелено. Дома веќе некое време се обидуваме да јадеме поздрава храна. Така се роди идејата да си направам градина во која ќе насадам само неколку видови зеленчук, за почеток. Арно ама, бидејќи не знаев речиси ништо за земјоделие, мојата градина стана џунгла. Растенијата израснаа повеќе од она што очекував, успеаја повеќе работи, а не беа испланирани соодветно. Во секој случај, научив многу и следната година ќе направам помалку грешки. Еве неколку слики подолу од сите растенија во мојата мала џунгла. Во градината не употребувам никакви хемиски супстанции. Сè е природно. Па, ако имате некој совет, искуство или едноставно коментар, слободно пишете.
Зелената боранија е едно од растенијата кое ми е најуспешно. Малку почека додека успеав да направам нешто по што ќе се качува, ама на крај добро излезе.
|
Зелена боранија |
|
Цвет на зелена боранија
|
Шарениот грав беше комплетно непланиран. Мајка ми го купила за јадење и го ставила во фрижидер. Јас си ја најдов теглата и ми изгледаше интересен. Се прашував дали ќе израсне ако го насадам и израсна. Не ми се смејте за ова, ама нема да верувате колку работи купени од пазар не 'ртат и не растат. Страшна работа кога ќе помислите што јадеме.
|
Шарен грав |
|
Шарен грав |
Насадив и дињи. Којзнае дали ќе успеат да узреат и кога, ама ми беше интересно. Веќе има три плодови...
|
Дињи |
|
Цвет од дињи |
Е, сега, доматите... Насадив два вида, еден од оној што народски го викаат јабучар, а другиот црвен. Не ме прашувајте за вистинските имиња, далеку сум од тоа стручно поле :) Во секој случај, тие се успешни и веќе редовно ги береме. Вкусот е нешто фантастично.
|
Првиот црвен домат |
|
Домати |
|
Домат-јабучар |
|
Домати-јабучари |
Да не ви биде досадно само со зеленчук, еве и по некое цвеќе. За цвеќето е одговорна мајка ми. Има многу повеќе од ова, но во овој дел само толку.
|
Сардели |
|
Цвет од розева сардела |
|
Прекрасно, нели |
|
Ружа |
Таму некаде во далечината има една стара јаболкница, преполна со јаболка. Има и уште една паралелна со неа. Секоја година се преполни со јаболка, ама бидејќи не ги прскаме сите се со црвчиња и обавезно паѓаат. Ама нас не ни пречи, пак си ги јадеме.
|
Јаболкница |
Во средина на мојата џунгла има една мала круша. Оваа година има многу род и гранките се виснати. Обавезно си ја удирам главата кога одам кон пиперките.
|
Круши |
Кога решив дека ќе садам нешто, почнав да одам по сите земјоделски продавници и барав различни семиња. Сакав да најдам повеќе видови зеленчук што обично не може да се најдат на пазар. Еден таков примерок е и оваа лилакова боранија. Не знам за вас, ама јас на пазар ова не сум го видела до сега. А многу е вкусна...
|
Лилакова боранија |
|
Лилакова боранија |
Ех, пиперките. Кај нас никогаш не успевале пиперки. Не знам зошто. Можеби не сме ги наводнувале како што треба? Во секој слушај, сите ме правеа будала кога реков дека ќе садам и пиперки. Ми дадоа расад од неколку видови и не разликувајќи го ги насадив кое како ми дојде. Сега, кога веќе имаат плод, може да се разликуваат видовите, везени, козји рог и некои феферончиња. Одлично!
|
Пиперки |
|
Везени пиперки |
Тиквите ми создаваат голема мака. Лани, роднините на маж ми ни дадоа тикви, па јас ги зачував семките и годинава ги насадив. Арно ама, бидејќи не дојдоа со упатство (не дека ако имаше ќе го следев, ама сепак), ги насадив како што мислев дека треба. За среќа, т.е. за несреќа сите израснаа... Сега тиквите даваат само цветови, а нема плод. Имаше по некоја мала тиква, ама и тие испаднаа. Ми рекоа дека треба да се скрши ластарот каде што ќе се врзе плод, ама некако не ми успева. Што да се прави?
|
Тикви |
И за крај, тиквиците. Дефинитивно до сега најуспешни. Кога ги садев не ги следев упатствата на задниот дел од паковката, па ги насадив премногу блиску една до друга. Подоцна открив, благодарејќи на Кате, дека ако се премногу блиску даваат само цвет и не даваат плод. Затоа морав да искорнам речиси половина од нив, но сега имаме премногу. Ја наранив целата поширока фамилија, јадеме тиквички секој ден и пак се премногу, па дури и фрлам :(
|
Тиквички |
Има уште многу работи во мојата џунгла, ама за сега толку. Повеќе ќе се фокусираме на исхраната :)
Што е со вас? Имате ли вие ваша градина? Дали можеби садите по некое пиперче на балкон? Споделете ги вашите слики, искуства и желби :)
No comments:
Post a Comment